Крушево го има првиот „Фестивал на храна и култура“

Со прогласувањето на најдобрите млади готвачи  на крушевскиот специјалитет „Чомлек“ денеска во Крушево ќе заврши првиот „Фестивал на храна и култура“ што се одржува овој викенд. Околу 30 млади готвачи, ученици во 8 угостителски средни училишта во земјава и од едно од Лесковац, Србија, викендов во Крушево ги покажуваат својата умешност и кулинарските вештини во приготвувањето на храна, посебно на крушевски специјалитет.

Првиот „Фестивал на храна и култура“ е во организација на крушевското угостителско средно училиште „Наум Наумоски Борче“ со поддршка на локалната самоуправа, Локалниот младински совет и на невладината „Викенд во Крушево“. Се одржува под мотото „Вкуси го Крушево“. Учесниците, прво, во центарот на Крушево ги претставија специјалитетите од своето поднебје, а потоа имаа задача, во кујната на крушевското училиште да го приготват крушевскиот специјалитет – чомлек со што се претавија пред крушевчани и пред туристите.

Младите готвачи ги покажуваа својата умешност и кулинарските вештини.

Лазар Илиќ од Лесковац, Србија, вели дека ова е неповторливо искуство.

-Првпат сум во Крушево. Дојдовме да се натпреваруваме и првпат го приготвуваме ова јадење – чомлек. Убаво искуство е ова. ние ги приготвуваме вашите јадења, ги наулчуваме рецептите и кога ќе дојдат кај нас, ги научуваат нашите јадења, изјави Илиќ додека го приготвуваше крушевскиот специјалитет.

Павел Јанев и Лазар Вујановиќ од скопското средно училиште „Лазар Танев“ ги пренесоа своите впечатоци. – Првпат приготвувам „крушевски чомлек“, ама се надевам дека ќе биде многу убаво, рече Јанев.

-За приготвувањето на чомлекот се подготвувавме во училиштето, ама не се знае кој ќе го освои првото место. Се надеваме. Инаку, ние се претставивме со наши специјалитети: скопска тава, слично на селското месо, само одозгора со кашкавал и со зелник од коприва, објаснува Вујановиќ.

Сара Ценева од Кратово, пак, има искуство со приготвување на специјалитетот.

-Го имам приготвувано крушевскиот чомлек. Ние се претставивме со кратовска пастрмајлија, со пинџур, со мантии, салата од домашен компир. Многу ми е мило што се одржува фестивалот. Добивме нови сознанија, се дружиме со врсниците од многу градови, изјави Цанева.

Милош Ѓорѓевиќ, професор од  Лесковац, Србија смета дека фестивалот е одличен настан за размена на сознанија и на дружење.

– Доаѓаме, како тим, првпат, за да ја видиме атмосферата, да видиме како се приготвува рецептот за вашето национално јадење – крушевски чомлек. Во Крушево, на Фестивалот, се претставивме со наши специјалитети од Лесковац: со „лесковечки воз“(лесковечка скара), со салати: „трљаница“, „моравска“, баница со сукани кори, кисело млеко и наше предјадење со повеќе видови сирења и чадено месо. Мислам дека публиката беше задоволна. Фестивалот за нашето училиште е големо искуство, се запознавме со поднебјето, со културата, осознавме нови рецепти и начини на готвење и големо е дружењето. Се надевам дека традицијата ќе продолжи, а со тоа и дружењето, рече Ѓорѓевиќ.

Христијан Јорданоски е шеф на кујна во Хрватска, но и судија на натпреварувањето. Нагласува дека има критериуми за најдобро приготвен специјалитет и смета дека младите кулинари треба да остварат кариера во земјава.

-Учениците и младите готвачи покажаа како се приготвува „крушевскиот чомлек“. Битни беа неколку критериуми. Се оценуваа вкусот, начинот на приготвувањето и како се снаоѓаат во кујната како тим. Има голем интерес за угостителската струка кај младите. Според моето искуство, доста се успешни. Професијата готвач е барана и, за жал, повеќе успеваат во странство отколку дома, рече Јорданоски.

Љупчо Крстевски, професор во крушевското угостителско училиште „Наум Наумоски Борче“ ја нагласи важноста на фестивалот и неговата цел за промоција на Крушево, на традиционалната крушевска храна и на културните знаменитости.

-Првпат во Крушево се организира Фестивал на храна и култура, насловен „Тејст Крушево“. Имаме 30-ина учесници од осум угостителски училишта од земјава и од едно од Лесковац, Србија. Својата основа за да стане традиционален, Фестивалот ја постави минатата година. Целта на фестивалот, прво, е промоција на Крушево, на традиционалната крушевска храна, на културните знаменитости. Токму туристите најмногу ги сакаат традиционалните јадења, особено се бараат: питите, крушевското грне и чомлекот кој, официјално за натпреварот го приготвуваа екипите, рече Крстевски.

Професорот Оливера Карева Скола се надева на голема фестивалска традиција.

– Овој Фестивал за младите, идни готвачи, значи многу: големо дружење, стекнување нови сознанија в о кулинарството и се надеваме дека ќе стане традиција, рече Карева Скола.

Првиот фестивал на храна и култура во Крушево денеска ќе заврши со прогласувањето на најуспешните готвачи на крушевскиот специјалитет „чомлек“.

Извор: Сител телевизија