Пациентите на кои им е потребна компјутерска томографија во моментов се пренасочуваат во други здравствени установи во Скопје, откако КТ апаратите на Универзитетскиот институт за радиологија се ставени надвор од функција поради дефект. Од Министерството за здравство информираат дека сервисирањето е во тек и дека се прават напори апаратите што поскоро повторно да бидат ставени во употреба.
Од почетокот на неделава е направена реорганизација на упатувањето на пациентите, со цел да нема прекин во здравствените услуги и потребните дијагностички прегледи да се извршуваат навреме.
Додека трае сервисирањето, КТ снимањата ќе се вршат во Градската општа болница „8 Септември“ и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Од Министерството велат дека е изработен посебен распоред за прием и снимање на пациентите, со приоритет за итните случаи.
Во ГОБ „8 Септември“, на Одделот за дијагностичка и интервентна радиологија, КТ снимањата ќе се вршат во два термина – од 08:00 до 14:00 часот и од 20:00 до 02:00 часот.
Во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, снимањата ќе се реализираат од 14:00 до 20:00 часот и од 02:00 до 08:00 часот.
Овој распоред ќе биде во сила до повторното ставање во функција на апаратите на Универзитетскиот институт за радиологија.
„Здравјето и безбедноста на пациентите се наш приоритет“, велат од Министерството за здравство, од каде апелираат пациентите и лекарите да ја почитуваат утврдената динамика за прием и снимање.
Паралелно, Министерството работи и на обезбедување дополнителни термини во други соодветни јавни здравствени установи, со цел да се намалат можните застои во дијагностиката.
Засега нема прецизен рок кога ќе заврши сервисирањето и кога КТ апаратите на Радиологија повторно ќе бидат достапни за пациентите. Од Министерството уверуваат дека јавноста и здравствените установи навреме ќе бидат информирани за сите промени и за враќањето на редовниот режим на работа.
Од Министерството истовремено апелираат проблемот со неисправната апаратура да не се користи за дневнополитички цели.
„Апелираме оваа тема да не се користи за дневнополитички цели, особено што овој сегмент во системот е веќе реорганизиран и пациентите ја добиваат потребната здравствена услуга“, се наведува во соопштението.
Иако надлежните уверуваат дека пациентите во меѓувреме се згрижуваат во други установи, останува неизвесно кога ќе биде воспоставена редовната КТ дијагностика на Универзитетскиот институт за радиологија.