Земјоделците започнаа да ги добиваат картичките за зелена нафта, а годинава за мерката се обезбедени 584 милиони денари, односно околу 9,5 милиони евра. Првите картички ги додели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски на земјоделци во Свети Николе и Битола.
Вкупно 48.037 картички ќе бидат распределени во рамки на мерката за финансиска поддршка на земјоделците. Серафимовски посочи дека средствата доаѓаат во период кога земјоделците имаат зголемени трошоци за есенската подготовка на почвата, набавка на семенски материјал и ѓубрива, како и за одржување на земјоделската механизација.
„Финансиската поддршка почна да стигнува до земјоделците во период кога имаат потреба за вложување во есенската подготовка на почвата, за купување семенски материјал и ѓубрива, како и за одржување на механизацијата. Приходите од родот доаѓаат подоцна, а трошоците се прават сега. Затоа, зелената нафта има непосредна практична вредност за секој земјоделец во државата“, рече Серафимовски.
Мерката се реализира преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година. Висината на поддршката за секој корисник се определува врз основа на површините и културите пријавени во барањата за директни плаќања во 2025 година.
Поддршката се движи од 3.200 до 12.000 денари по хектар, во зависност од земјоделската култура.
За пченица, јачмен, пченка, ориз и останатите култури од оваа група се исплаќаат 3.200 денари по хектар, додека за сончоглед, маслодајна репка, луцерка и другите култури во соодветната категорија поддршката изнесува 4.800 денари по хектар.
За градинарските култури опфатени со мерката и лозовите насади се предвидени 9.600 денари по хектар. Највисока поддршка од 12.000 денари по хектар е предвидена за јаболко, круша, слива, праска и другите овошни култури од оваа група.
За дуња, калинка, бадем, лешник и останатите култури во нивната категорија се издвојуваат 8.800 денари по хектар. За тутунот поддршката изнесува 11.000 денари, додека за оревите и питомите костени – 6.000 денари по хектар.