Европската интеграција на Македонија и случајот со Ива Михаилова биле меѓу темите на средбата на бугарската министерка Велислава Петрова со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Софија.
Средбата се одржала на маргините на Меѓународната конференција за Коридорот 8, а според бугарското Министерство за надворешни работи, Петрова ја потврдила поддршката на Бугарија за европската перспектива на Македонија, заснована на принципот на индивидуални заслуги.
Во тој контекст, бугарската министерка побарала информации за временската рамка во која Скопје планира да ги исполни обврските утврдени во европскиот консензус од 2022 година. Станува збор за обврски кои се неопходни за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија.
На средбата бил разгледан и случајот со Ива Михаилова, македонска државјанка со бугарска етничка припадност.
Петрова ја поздравила согласноста од Скопје бугарски медицински експерти да се приклучат кон медицинската комисија која ја проценува здравствената состојба на Михаилова.
Од бугарска страна било изразено очекување на Михаилова да ѝ биде овозможен соодветен медицински третман.
„Двете страни се согласија да одржуваат отворена комуникација за прашања од заеднички интерес на соодветните нивоа“, се наведува во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.