Бројот на случаи на Западнонилска треска во Македонија останува на 71, откако во периодот од 30 септември до 6 октомври не е регистриран ниту еден новозаболен или смртен случај, информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во истиот период двајца пациенти биле отпуштени од болничко лекување. Од почетокот на годината до 6 октомври се евидентирани 66 потврдени и пет веројатни случаи на болеста.
Досега починале 10 пациенти, сите мажи на возраст од 62 до 83 години. Девет од починатите биле од Скопје, а едно лице од Куманово. Сите биле хоспитализирани, додека кај девет од нив биле регистрирани коморбидитети.
Од вкупно 69 хоспитализирани пациенти со невроинвазивна форма на болеста, 56 се отпуштени од болница, а тројца сè уште се на лекување. Просечното времетраење на болничкиот престој кај отпуштените и починатите пациенти е 15 дена.
Најголем број заболени се регистрирани во Скопскиот регион – 63 лица. Три случаи има во Велес и околината, два во Кавадарци и околината, а по еден случај во Куманово, Свети Николе и Тетово.
Од вкупно 71 заболено лице, 52 се мажи, а 19 жени. Најзастапена е возрасната група над 60 години – 58 лица, односно 81,7 проценти од сите заболени. Просечната возраст на пациентите изнесува 66,5 години.
Најмногу случаи со почеток на симптомите биле регистрирани во август – 39, додека во јули имало 17 случаи. Во септември се евидентирани 12 случаи.
Од ИЈЗ посочуваат дека во 2026 година е забележано значително зголемување на бројот на заболени од Западнонилска треска во споредба со претходните години.