Културата потисната од естрадата и политиката, Урошевиќ: Прашање е кога ќе биде исфрлена од јавниот живот

Културата назадува, како нешто неважно и нешто без што се може и се помалку е присутна во медиумите, потисната од естрадата и политиката. Се наоѓаме на граница, може утре или задутре целосно да биде исфрлена од јавниот живот изјави академик Влада Урошевиќ пред доделувањето на Државната награда „Св. Климент Охридски“ во Собранието на Република Македонија.

„Друга опасност која ја демне културата е нејзината политизација и партизација. Во оваа област со години е воспоставена за жал многу остра поларизација на наши и нивни. Не е  важно да се награди квалитетот важно е да се поддржи некој што ги дели со нас политичките ставови“, вели Урошевиќ.

За остварување во областа на воспитанието и образованието награда им беше врачена на брачниот пар Кимет  и Аднан Агаи- просветни работници, наградата за остварување во областа на културата и уметноста  на Владимир Милчин – режисер, Емилија Стаменковиќ (Џипунова), балетски уметник и Томислав Османли-писател, а наградата за остварување во областа на здравството на проф. д-р Борислав Каранфилски, патофизиолог, специјалист по нуклеарна медицина.

„Чествувањето на вакви големи празници е темелна премиса за јакнење на духовноста и почитување на христијанските вредности. Неговото црковно и просветно дело треба да биде наш пат, водилка и вечна инспирација за добри дела”.

Стои во пораката на Претседателот Иванов упатена до поглаварот на МПЦ и до граѓаните на Македонија. Знаењето, просветувањето и просветлувањето на умот, биле водилка за свети Климент Охридски порачува на претседателот на Собранието Талат Џафери.

„Ви посакувам убав празничен ден, исполнет со душевен мир и семејна топлина, со верба и надеж дека сите знаеме како меѓусебно да се почитуваме, сакаме и можеме да бидеме подобри луѓе, вредни граѓани на заедницата и одличен пример за регионот и светот“.

Како Св. Климент што успеал, повикани сме да успееме во надминување на предизвиците трпеливо и мудро порача премиерот Зоран Заев.

„Како што успеал свети Климент во мисијата на неговото време, повикани сме и ние да се обидеме и да успееме во надминувањето на предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува, заштитувајќи ги вредностите што не обединуваат како граѓани, како народ и како држава.“.

Македонскиот народ треба да биде особено горд што на нашето тло отпочна големиот просветителски бран кој ќе остане запишан со светли букви во светската историја – вели во честитката лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

„Создавањето на кирилското писмо кое просветли многу народи е дел од плодовите на неговата работа, дело кое за век и векови ќе остане врежано во светското културно наследство. Неговото дело е вградено во секоја буква која што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме“.

Репортер: Александра Велинова

Извор: ТВ21