Шарените, меки антистрес играчки кои се рекламираат како безопасни „сензорни“ реквизити за стискање, растегнување и гмечење, во последните години станаа вистински хит ширум светот. Но, лекарите предупредуваат дека зад нивната популарност се крие опасен тренд поради кој сè повеќе деца и тинејџери завршуваат во болница со сериозни изгореници.
Некои од повредените деца морале да поминат низ трансплантација на кожа, додека други биле ставени во медицински индуцирана кома поради сериозноста на повредите.
За несреќа е доволно играчката да се загрее, замрзне или стави во микробранова печка – било како дел од некој вирален предизвик на социјалните мрежи или сосема случајно.
Еден од најпопуларните модели, NeeDoh Nice Cube, во последните месеци се поврзува со повеќе случаи на тешки изгореници откако бил загреван или ставен во микробранова печка.
Овие играчки се исполнети со желатинозна маса која под влијание на топлина може да се претвори во густа, леплива материја слична на лепак. Моделот Nice Cube содржи природно полнење на база на шеќер, кое при загревање брзо се шири, го зголемува внатрешниот притисок и во одредени случаи може да предизвика пукање на играчката.
Иако производителот јасно предупредува на пакувањето: „Не загревајте, не замрзнувајте и не ставајте во микробранова печка бидејќи може да дојде до повреди“, лекарите велат дека децата сè почесто се изложени на опасни предизвици на интернет кои ги поттикнуваат токму на вакви експерименти.
„Проблемот не е само во играчката, туку и во содржината на социјалните мрежи која ги охрабрува децата на ризично однесување“, предупредува докторката Алисија Веб, специјалист за итна педијатриска медицина од детската болница „Children’s of Alabama“.
Таа додава дека родителите мора да бидат свесни за ваквите трендови бидејќи децата често немаат доволно зрелост сами да проценат колку можат да бидат опасни.
Тешки изгореници на лице, очи и тело
Лекарите предупредуваат дека загреаните NeeDoh играчки можат да експлодираат и да предизвикаат сериозни изгореници на лицето, очите, устата и телото.
„Ако детето ја проголта жешката маса, можни се и внатрешни повреди“, предупредува Веб.
Доктор Мајкл Купер, раководител на одделот за лекување изгореници во болницата „Staten Island University Hospital“, објаснува дека децата се особено чувствителни бидејќи нивната кожа е потенка од кожата кај возрасните.
„Дури и краток контакт со жешка материја може да предизвика сериозно оштетување на ткивото“, вели тој.
Седумгодишно девојче завршило во индуцирана кома
Во американската сојузна држава Мисури, седумгодишната Скарлет Селби завршила во медицински индуцирана кома откако играчка NeeDoh експлодирала во микробранова печка и ја прекрила со врела, леплива маса.
Материјалот толку силно се залепил за нејзината кожа и облеката што татко ѝ не можел да го отстрани без дополнително да ја повреди.
„Сè се случи за неколку секунди. Го слушнав нејзиниот врисок, беше тоа ужасен крик“, раскажал нејзиниот татко.
Подоцна, девојчето морало да направи трансплантација на кожа поради тешките изгореници околу устата и дишните патишта.
Сè повеќе слични случаи
Во Велика Британија, десетгодишната Бела се здобила со тешки изгореници на лицето откако нејзин пријател се обидел да направи интернет предизвик во кој играчката прво се замрзнува, а потоа се загрева во микробранова печка.
Во Чикаго, деветгодишниот Калеб Чабола добил изгореници од втор степен откако играчката експлодирала во неговото лице.
Уште еден случај е регистриран во Ново Мексико, каде 13-годишно девојче добило изгореници од трет степен откако играчката, оставена со часови во врел автомобил, експлодирала и исфрлила врел гел врз нејзините раце и нозе.
Лекарите апелираат до родителите на внимателност
Докторите предупредуваат дека ваквите изгореници можат да остават трајни последици – лузни, оштетување на видот, па дури и трајни деформации на лицето или телото.
Лекувањето често бара специјализирана медицинска грижа, повеќе операции и трансплантација на кожа.
Лекарите им советуваат на родителите да не им дозволуваат на децата да ги загреваат овие играчки, да не ги оставаат во врели автомобили и редовно да проверуваат дали имаат пукнатини или оштетувања.
Доколку детето се здобие со изгореница, се препорачува повреденото место веднаш да се лади под млаз ладна вода околу 20 минути и да се побара лекарска помош доколку има плускавци, изгореници на лице, раце, стапала или поголема површина од телото.
„Еден момент на љубопитност или експериментирање може да доведе до повреди кои бараат месеци лекување и опоравување. Едукацијата, надзорот од родителите и свесноста за опасностите се најдобриот начин да се спречат вакви повреди“, предупредуваат лекарите.