Маглешов: Судењето за „Пулс“ е единственото што ми донесе солзи на очи

Судењето за трагедијата во дискотеката Пулс досега се одвива со умерено темпо, со одржани 15 ефективни рочишта и три одложени, изјави новинарот Васко Маглешов во гостување во Отвореното студио на 4ТВ.мк.

Тој појасни дека рочиштата најчесто започнуваат околу 9:30 часот наутро, а ефективниот дел од судењето трае неколку часа.

„До сегашниот тек на судењето покажува дека се одржани 15 ефикасни рочишта, додека три се одложени. Голем дел од времето досега се потроши на процесни приговори од адвокатите и бранителите на обвинетите“, рече Маглешов.

Според него, ваквите приговори претставуваат дел од судската постапка, но значително влијаат на текот и динамиката на судењето.

Новинарот истакна дека во својата повеќе од десетгодишна кариера следел бројни судски процеси, но овој предмет за него бил особено емотивен.

„Ова е единственото судење на кое ми дошле солзи на очи, особено кога ги слушав сведоштвата на родителите кои ги загубиле своите деца во пожарот“, рече тој.

Маглешов додаде дека сведоштвата биле исклучително потресни, бидејќи родителите во детали ги опишувале случувањата од кобната ноќ и потрагата по своите деца.

„Опишуваа како морале да ги превртуваат телата за да го пронајдат своето дете. Тоа се сцени кои тешко се прераскажуваат“, нагласи тој.

Во постапката, како што посочи, први сведочат родителите на загинатите, а на листата на обвинителството има околу 50 сведоци.

Според Маглешов, едно судско рочиште ефективно трае околу четири часа, што, како што рече, претставува умерено темпо на судење.

Тој смета дека судот може дополнително да ја засили динамиката на постапката, со почести рочишта и сослушување на повеќе сведоци во текот на едно рочиште.

„Ние сме присуствувале на судења кои завршувале и во 23 часот. Не велам дека секое судење треба да трае толку долго, но мислам дека судот може да предвиди повеќе сведоци на едно рочиште, со малку повеќе паузи“, изјави Маглешов.

Тој додаде дека за април и мај веќе се закажани по шест рочишта месечно, што, според него, претставува чекор кон поголема динамика и ефикасност на судскиот процес.