Додека спасувачките екипи во Венецуела продолжуваат со деноноќната потрага по преживеани под урнатините од двата разорни земјотреси, светот го обиколуваат потресни приказни за кобната среда. Според последните официјални извештаи на BBC, бројот на жртвите во близина на главниот град Каракас веќе изнесува најмалку 589 лица, додека речиси 3.000 се повредени.
Меѓу приказните што ја расплакаа нацијата е херојството на Андреа, сопруга на познатиот венецуелски фудбалер Хектор Бело, која го жртвуваше сопствениот живот за да ја спаси нивната малечка ќерка.
„Му го даде животот на нашето дете“
Како што пренесуваат локалните медиуми, во моментот на силниот потрес, Андреа била во зградата заедно со нивната ќерка Алана, која има околу година и половина. Кога објектот почнал да се урива, храбрата мајка легнала врз девојчето, заштитувајќи го со сопственото тело од тешките бетонски блокови. Спасувачите го извлекле детето живо од урнатините, додека Андреа била пронајдена без знаци на живот.
Фудбалерот Хектор Бело веднаш отпатувал во Каракас, каде што неговата ќерка е хоспитализирана, и преку социјалните мрежи сподели потресна порака:
„Ќе ѝ раскажувам како ја спаси, љубов моја. Како го даде животот за нашата ќерка, колку храбра жена беше и како не ја напушти ниту во последните моменти. Како да ѝ објаснам дека ти го загуби животот за таа да живее, а јас не бев таму за да направам нешто? Дај ми сила, останавме целосно сами.“
Тој додаде дека неговата ќерка и нејзината тетка во моментов се во стабилна состојба, но сè уште се задржани во болница.
Трагедија за венецуелскиот фудбал: Загинаа двајца млади таленти
Покрај сопругата на Бело, Венецуелскиот фудбалски сојуз (FVF) и локалните клубови потврдија дека меѓу идентификуваните жртви се и двајца млади и талентирани фудбалери.
- Разан Сијаа: Фудбалерот на младинскиот тим (под 18 години) на „Каракас ФК“ загина заедно со членовите на своето семејство, откако се урна нивниот дом во Ла Гваира.
- Виктор Паласиос: Играчот на „Маритимо де Ла Гваира“ и член на академијата „Спорт Сан Агустин“ исто така го загуби животот во катастрофата, оставајќи ја спортската јавност во длабок молк.
Почина мајката на поранешна Мис на Венецуела, потврдени и странски жртви
Катастрофата однесе и жртви од јавниот живот. Поранешната Мис на Венецуела, Жизел Рејес, објави дека нејзината мајка починала во Ла Гваира по целосното уривање на нејзината станбена зграда. Како што пренела медицинската сестра која се грижела за неа (која била спасена од урнатините), мајката на Рејес доживеала кобен срцев удар предизвикан од претрпениот шок во моментот на ударот.
Трагедијата добива и меѓународни димензии. Министерството за надворешни работи на Шпанија потврди дека досега е пронајдено телото на четворица нивни државјани, додека судбината на уште 106 Шпанци во земјата сè уште е неизвесна и по нив интензивно се трага. Смртни случаи на свои граѓани на тлото на Венецуела потврдија и владите на Португал (едно лице) и Бразил (двајца загинати), по што португалскиот претседател упати порака на длабока солидарност до целиот венецуелски народ.