Поради сериозната ситуација со шумските пожари на повеќе локации низ државата, Македонија официјално го активираше Европскиот механизам за цивилна заштита. Одлуката доаѓа по денови на интензивни пожари, тешко достапни терени и преоптоварени домашни ресурси.
Преку овој механизам, земјата бара помош од државите-членки на ЕУ во форма на воздушна поддршка, човечки капацитети и логистичка опрема, со цел побрза и поефикасна интервенција на терен.
„Од страна на Грција се дадени два канадери на испомош, ќе бидат ставени во функција, исто така и два пешадиски тимови се ставени на располагање преку ЕУ механизмот. Сите владини институции целосно се мобилизирани и активно се вклучени на терен“, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Надлежните институции истакнуваат дека домашните служби се ангажирани на максимум, но дека обемот на пожарите бара меѓународна солидарност и брза акција.
Ова е првпат годинава Македонија да се обрати за надворешна помош преку ЕУ механизмот, кој овозможува координирани интервенции во случаи на природни катастрофи и вонредни состојби во Европа и пошироко.