Разликите во цените низ Европа стануваат сè позабележливи, а ист производ или услуга може да има драстично различна цена во зависност од земјата каде што се купува. Новите податоци на „Евростат“ покажуваат дека разликата меѓу најскапите и најевтините европски пазари е огромна.
Индексите на ценовните нивоа на „Евростат“ ги споредуваат трошоците за потрошувачки производи и услуги во земјите во однос на просекот на Европската Унија, кој е поставен на 100. Земјите со индекс над 100 имаат повисоки цени од европскиот просек, додека оние под 100 се поевтини.
Според анализата, највисоки цени во Европа имаат земјите од северниот и западниот дел на континентот. На врвот е Исланд, а веднаш зад него се Швајцарија, Данска, Норвешка и Ирска, каде што животните трошоци се значително над просекот на ЕУ.
Повисоки цени се забележуваат и во Холандија, Австрија и Белгија, додека меѓу најголемите економии во Европската Унија, Германија е над европскиот просек, Франција е умерено поскапа, Италија е приближно околу просекот, а Шпанија спаѓа меѓу поевтините западноевропски земји.
На спротивната страна од листата се земјите од југоисточна Европа. Македонија се наоѓа на последното место во Европа според нивото на цени, со потрошувачки трошоци речиси двојно пониски од просекот на ЕУ.
Според податоците, кошничка која во Европската Унија чини 100 евра, во Македонија би чинела околу 49,7 евра.
Меѓу поевтините земји се и Турција, Босна и Херцеговина, Романија, Бугарија, Србија, Албанија и Полска, каде што цените се значително пониски од европскиот просек.
Експертите, сепак, посочуваат дека само споредбата на цените не е доволна за целосна слика за животниот стандард. Иако во западноевропските земји производите и услугите се поскапи, таму најчесто се повисоки и платите, па разликата во куповната моќ може да биде помала.
Економистите објаснуваат дека разликите во цените се резултат на повеќе фактори – висината на платите, продуктивноста, даночните политики, транспортните трошоци и регулативите на пазарите.
Затоа, за реална проценка на стандардот на граѓаните, не треба да се гледа само колку чини одреден производ, туку и колку од тие производи може да се купат со просечниот приход.