Република Македонија обезбеди 65,7 милиони евра во рамки на Планот за раст за Западен Балкан и Инструментот за реформи и раст, како резултат на реализираните реформи и постигнатиот напредок во изминатиот период, соопштија од Кабинетот на министерот за европски прашања Беким Сали.
Како што наведуваат оттаму, овој резултат претставува потврда за институционалната посветеност, координацијата меѓу институциите и сериозниот пристап во спроведувањето на Реформската агенда.
Во третиот извештаен период државата пријавила 21 реализиран реформски чекор, од кои 16 се позитивно оценети, а три биле завршени пред предвидениот рок. Во рамки на мониторинг циклусот биле следени вкупно 44 реформски чекори, додека институциите продолжуваат со работа на останатите мерки што се во грејс период до јуни и декември 2026 година.
Реформите, според соопштението, веќе даваат резултати во повеќе клучни области, меѓу кои нова методологија за финансирање на основното и средното образование, опремување со интернет и ИТ-уреди во 160 основни училишта, унапредување на дигиталните услуги и електронската идентификација, реформи во управувањето со јавните финансии и зголемена транспарентност со намалување на бирократските процедури.
Од вкупните 65,7 милиони евра, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека останатиот дел ќе биде насочен кон развојни проекти и стратешки инвестиции преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Од Кабинетот на министерот за европски прашања посочуваат дека овој резултат покажува оти европската интеграција веќе носи конкретни инвестиции и директни придобивки за граѓаните, а патот кон Европската Унија останува стратешки приоритет на државата.