Прилеп синоќа беше најзагаден град во Македонија. На апликацијата „Мој воздух“ загадувањето изнесуваше 1438 ПМ10 честици на метар кубен. Состојбата не беше подобра ниту во Струмица и Скопје.
Според мерењата на Ер Вижуал, последните два дена, Скопје е најзагадениот град во светот. Зад нашиот главен град останаа Њу Делхи и Дака.
Град Скопје денеска излезе со итни мерки против загадувањето. Тие предвидуваат бесплатен јавен превоз, двојно повисока цена за јавните паркинзи, забрана за градежни активности и засилена инспекторска контрола. Мерките ќе важат до намалување на загаденоста на воздухот.
„Ги повикуваме сите градоначалници на општините, да ги стопираат сите градежни активности кои се под нивни ингеренции. Цената на паркинзите кои се под Град Скопје, од овој момент ќе се дуплира и тоа ќе трае се додека не се укинат ургентните мерки. Град Скопје во изминатиот период вршеше интензивна инспекција во институциите кои се под надлежност на Градот. Ќе продолжиме со овој интензитет.“, рече Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје.
Загадувањето на воздухот е проблем за секоја власт во изминатите неколку години. Сите ветуваат решенија, но никако да ги реализираат. Фамозниот „План“ за намалување на аерозагадувањерто беше презентиран и оваа година. Пред извесно време и актуелната влада излезе со мерки против загадувањето.
ВМРО-ДПМНЕ во чие владеење исто така имаше висока загаденост, и исто така презентираа план против загаденоста, сега како опозиција обвинува дека власта е неспособна за решавање на овој голем проблем.
Од Министерството за животна средина и од Министерството за здравство со препорака работодавачите да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма. Препораките за сите правни лица се да направат реорганизација на работното време и лицата кои работат на отворено, да работат од 11 до 17 часот.
Репортерка: Алмедина Исмајли
