„Ви честитам, слободна, суверена и самостојна Македонија“.
Со овие зборови на 8 септември пред 28 години, првиот македонски претседател Киро Глигоров, им ја честиташе на граѓаните независноста на Македонија. Референдумот на кој излегоа повеќе од 75% од жителите се покажа како особено успешен, бидејќи за суверена и независна Македонија гласале 96 отсто од излезените гласачи.
Со разни активности за сите возрасти во градскиот парк во Скопје се одбележуваше Денот на независноста на Македонија.
За младите најинтересна беше полицијата.
Кај штандовите на здравство пак, имаше редица од пезнионери кои чекаа за бесплатно мерење на притисок.
Пред официјалното обраќање Заев направи обиколна на поставените штандови. Кај тој на министерството за животна средина донираше и батерии кои треба да се рециклираат.
Заев рече дека најголемите проблеми се зад нас откако претходно зборуваше за Договорот од Преспа и најави дека стартот на преговори за членство со ЕУ во октомври ќе го зајакне континуитетот на домашните реформи.
„На прав пат сме. Најголемите проблеми се зад нас, тоа е патот на раст на плати, градежна офанзива, патот по кој парите одат кај граѓаните, патот на заедничка борба против загадувањето, сиромаштијата и корупцијата, тоа е патот на сигурноста, безбедноста и слободата, тоа е патот до НАТО и Европската унија“, рече Заев.
Додаде дека од држава со многу проблеми и лоши односи со соседите, сега сме позитивен пример и, како што кажа тој, гордост европска.
„Не бегаме од проблемите, пријатели сме со сите соседи. Република Северна Македонија е препознаена како инспиратор на еден нов Балкан, Балкан достоен за 21. век, без бајати кавги, само соработка и заедништво. Не треба да им подлегнеме на емоциите кои се јавуваат при секоја промена. Ако размислиме рационално, ќе сфатиме дека ништо не губиме, а може сè да добиеме“, изјави Заев.
Утрово владина делегација положи свежо цвеќе на гробовите на Киро Глигоров и Борис Трајковски на градските гробишта во Бутел.
На референдумот во 1991 масовен бил одзивот и на Македонците во дијаспората, во САД, Канада и во Австралија каде што гласањето било извршено предвреме, а на повеќе места било констатирано дека сите гласачи се изјасниле позитивно. Во деновите пред Референдумот беа упатени повици до сите политички лидери и до граѓаните да одат да го дадат својот глас. Повикот бил прифатен од сите, освен од партиите од албанскиот блок кои повикале на бојкот, тврдејќи дека Албанците се обесправен народ.