Балкан

Македонка осудена на 45 дена затвор во Црна Гора за усмртување куче со автомобил

Македонка осудена на 45 дена затвор во Црна Гора за усмртување куче со автомобил

Основниот суд во Улцињ изрече казна затвор од 45 дена за Сашка Стојановска (43) од Скопје, која беше прогласена за виновна за кривичното дело „убивање и мачење животни и разорување на нивното живеалиште“.

Според пресудата, на 24 јули околу 15 часот, на булеварот „Теута“ во населбата Улцињско Поле, во близина на хотелот „Хоти“, обвинетата управувајќи автомобил „мерцедес“ најмалку двапати со возилото поминала преку куче од расата шарпланинец, сопственост на оштетениот. Кучето се здобило со тешки повреди од кои подоцна угинало.

При одмерувањето на казната, судот ги ценел сите релевантни околности. Како олеснителни биле земени предвид семејните прилики на обвинетата, фактот дека е мајка на две деца, од кои едното е малолетно, нејзината претходна неосудуваност, како и битно намалената пресметливост во моментот на извршувањето на делото. Намалената пресметливост е утврдена врз основа на наод и мислење на вештак од областа на медицината – психијатар. Судот не утврдил отежнителни околности.

Судот оценил дека изречената казна е соодветна на тежината на делото, личноста на обвинетата и околностите под кои било извршено, како и дека со неа ќе се постигне целта на казнувањето предвидена со Кривичниот законик на Црна Гора. Дополнително, казната треба да придонесе кон спречување на идно противправно однесување и да испрати јасна општествена осуда за секој облик на мачење и убивање животни.

Во изречената казна на Стојановска ќе ѝ се пресмета и времето поминато во притвор, почнувајќи од 24 јули 2026 година во 20:30 часот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни