Македонија

Владата најави можност за докуп на до две години стаж за пензија

Владата најави можност за докуп на до две години стаж за пензија

Граѓаните на кои им недостигаат до 24 месеци за да го достигнат законскиот минимум од 15 години работен стаж наскоро би можеле самостојно да го надополнат преостанатиот период и да стекнат право на пензија. Можноста ја најави министерот за социјална политика, Ѓоко Велковски, со предлог-решение што во моментов се разгледува во Владата.

Според најавите, мерката ќе важи за лица кои имаат најмалку 13 години стаж, ги исполнуваат условите за старосна пензија и повеќе не се активни осигуреници. Ќе може да се докупат најмногу 24 месеци стаж, исклучиво за да се достигне законскиот праг од 15 години.

Трошокот за докуп ќе го сносат самите граѓани преку уплата на придонеси за месеците што им недостигаат. Износот ќе зависи од бројот на месеци, при што придонесите ќе се пресметуваат на половина од просечната плата остварена во претходната година.

По извршената уплата, пензијата ќе се утврдува според редовната законска формула, врз основа на вкупниот стаж и примањата остварени во текот на работниот век.

Доколку законското решение биде усвоено, мерката ќе претставува дополнителна можност за лицата на кои им недостига мал дел од стажот да не останат без право на пензија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни