Илјадници граѓани во понеделник им се придружија на студентите на протестна поворка низ центарот на Белград, која заврши пред седиштето на Републичката изборна комисија, каде беше предадена изборната листа на студентското движење „Студентите победуваат“.
Поворката, наречена „Прошетка на победниците“, тргна од Ректоратот, а учесниците носеа голем транспарент со натпис „Студентите победуваат“, кутии со собрани потписи за поддршка и макета на споменикот „Победник“ на Иван Мештровиќ, еден од симболите на Белград што се наоѓа на Калемегдан. Колоната ја предводеше голема група моторциклисти, по кои следуваа граѓани со државни знамиња и пораки „Слободата нема цена“, како и знамиња на факултети, средни училишта и граѓански собири. Од поворката се слушаа извици „Пумпај“, „Студентите победуваат“ и „Победа, победа“. Колоната речиси половина час се движеше низ центарот на српската престолнина до седиштето на РИК.
Собирањето потписи за студентската листа беше проследено со проблеми при нивната нотарска заверка. И покрај претходните најави, не беше обезбеден доволен број нотари, поради што илјадници граѓани во Белград и низ Србија со часови чекаа во редици за време на викендот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, воочи предавањето на листата, објави видео на „Инстаграм“, оценувајќи дека студентската листа е „безимена“, „без програма и планови“ и „листа од која сите се срамат“. „Замислете десетици илјади луѓе кои одат да ја потпишат листата, а притоа немаат поим што потпишуваат и не знаат кој е на листата“, изјави Вучиќ, повикувајќи ги граѓаните да размислат како сакаат да изгледа Србија и кој ќе се грижи за државата по изборите.
Студентите објавија листа со 250 кандидати за српскиот парламент, за која наведуваат дека е резултат на повеќе од една година пленуми, блокади на факултетите и заедничко одлучување. На неа се наоѓаат професори, лекари, уметници, актери, спортисти, активисти, претприемачи и граѓани од различни делови на Србија.
Досега РИК ги прогласи листите на Српската напредна партија и нејзините коалициски партнери, предводени од Вучиќ, како и на Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ. Вучиќ на 9 септември, на формален предлог на Владата, го распушти парламентот и распиша предвремени парламентарни избори за 25 октомври. Претходно најави дека ќе поднесе оставка од претседателската функција и ќе се вклучи во изборната кампања, со намера, доколку СНС победи, да стане премиер на Србија.
Во понеделникот навечер Вучиќ изјави дека на 27 септември ќе поднесе оставка од претседателската функција и како „граѓанин“ ќе се вклучи во кампањата. Тој најави дека истата вечер ќе им се обрати на граѓаните и ќе им се заблагодари за поддршката. Вучиќ рече дека потоа ќе патува низ Србија и ќе посетува села и градови, најавувајќи неколку големи собири, а завршниот митинг, според неговата најава, ќе биде во Ниш.