Во македонска пошта само се акумулираат проблемите , особено оние за финасиското работење. Иако во ревизорските извештаи постојано се нотирани сите неправилности тие завршуваат во фиока, без притоа никој да сноси одговорност.Во извештаите наведено е дека од поштата во изминативе 14 години биле украдени повеќе од 133 милиони денари, и ниту една институција досега не реагирала. Слаѓана Тасева од Трансперенси Интернешнал вели дека со години алармираат за грабежите и кусоците што се случуваат во пошта, но до сега немало слух од надлежните органи. Вината треба да се бара кај институциите, смета Тасева.
„Ова не е нова информација. Знаеме дека таму има кражби и се изнесуваат пари од таму. И ревизорите порано тврдеа дека нема пари таму. Не може таму постојано да се случуваат кражби а никој за тоа да не реагира. Има институции, има полиција, има управа за приходи, нека си работат. Досега тие јавни претпријатија и тие институции служеа за финансирање на политиката и затоа никој не ги контролираше. Постојано си ставаа партиски луѓе кои се недопирливи и затоа институциите не си ја работат работата“, ни изјави Тасева.
Директорот на финансиската полиција Арафат Мухареми, ни потврди дека финансиска веќе подолг период е во Македонска пошта, но работеле на друг случај кој бил во предистражна постапка и неможе да ни открие повеќе детали.
Првиот човек на Македонска пошта во интервју за ТВ 21 рече дека сите кражби се пријавени во МВР, но дека се уште немаат повратна информација за ниту еден случај.
„Ние ги третираме сите овие кусоци како побарувања бидејќи е од непознат сторител и бидејќи во декември 2005 се случи кражба од 36, 5 милиони денари. Потоа, март 2008, околу 40 милиони денари и февруари 2013 околу 13 милиони денари. Сите овие се во постапка. За сите овие случаи е веќе информирана и полицијата и таа работи на тие случаи. Уште немаме повратна информација“, изјави Ејуп Рустеми.
Иако Акционерското друштво Македонска пошта е во државна сопственост и извештаите за работењето на оваа тело се разгледуваат на владини седници, од Владата ни рекоа дека се обраќаме на погрешна адреса. Засегаа нема одговор ниту од Основното Јавно обвинителство дали и кога ќе постапат по случаите за кражбите во Пошта . Од МВР, пак, ни најавија дека за неколку дена ќе добиеме информација до каде се истрагите за кражбите во македонска пошта и дали евентуално ќе се открие сторителот.
Генералниот директор Ејуп Рустеми се надева дека конечно надлежните институции и Владата ќе го лоцираат виновникот за досегашното лошо финансиско раководење со поштата.
Репортер: Данче Азманова.
