Со дваесетина товарни возила денеска македонските превозници протестираат пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје, барајќи конкретно решение за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Протестот, организиран од „Макам-транс“, се одржува од 12 до 14 часот, во пресрет на утрешниот состанок на работната група во Брисел. Превозниците очекуваат на состанокот да биде постигнато преодно решение со кое професионалните возачи нема да бидат третирани на ист начин како туристите и останатите државјани на трети земји.
Во фокусот е правилото 90/180, според кое државјани на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена.
За транспортниот сектор, ова правило создава сериозни проблеми, бидејќи возачите поради природата на работата често мораат да престојуваат во земјите од Шенген подолг период. Превозниците велат дека се соочуваат со неизвесност, долги задржувања и различни толкувања на правилата на граничните премини.
„После седум месеци сè уште не е надминат проблемот со престојот. Бидејќи септември е почеток на работите, сакаме да испратиме јасна порака – да се направи нешто“, изјави претседателката на „Макам-транс“, Билјана Муратовска.
За проблемите со кои се соочуваат возачите сведочи и еден од професионалните камионџии, кој вели дека условите на границите дополнително ја отежнуваат нивната работа.
„За изживувањето по границите што ни го прават, за тоа што чекаме со часови… За паркинзи, за сè што сакате да ви зборуваме? И за Шенген, за правилото 90/180. Треба да се најде решение, да не нè третираат како другите возачи и туристи. Ние идеме во име на фирма, не идеме ни на шетање како туристи или такви работи“, вели возачот.
Превозниците бараат професионалните возачи да бидат издвоени од општото правило, имајќи предвид дека нивниот престој во Шенген-зоната е поврзан исклучиво со извршување на работните обврски.
Слични протести денеска се одржуваат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Од „Макам-транс“ велат дека во изминатите седум месеци не забележале доволно напредок во решавањето на проблемот на европско ниво. Според нивните информации, околу 17 илјади професионални возачи од Северна Македонија се погодени од ограничувањето, додека на ниво на Западен Балкан бројката достигнува околу 100 илјади возачи.
Од Владата, пак, уверуваат дека преземаат мерки во рамките на своите можности. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски минатата недела најави билатерални договори со земји од Шенген-зоната.
Според Николоски, договори веќе има со Швајцарија, Хрватска и Романија, а се очекуваат разговори и со Австрија, Словенија и Германија. Целта е да се покријат најфреквентните транспортни рути по кои се движат македонските превозници.
Превозниците, сепак, сметаат дека билатералните договори не се доволни и бараат системско решение на европско ниво.
Тие предупредуваат дека околу половина од возачите одбиваат да возат во Шенген-зоната поради страв од проблеми на границите, можност за депортација или неизвесност околу дозволениот престој.
Доколку утрешниот состанок во Брисел не донесе преодно решение, „Макам-транс“ најавува нови протести. Како можна следна мерка се најавуваат протести на 14 септември на граничните премини во секоја од земјите одделно.