Во Владата на Република Македонија, денеска, се одржа четвртиот, од серијата отворени денови за иницијативи на граѓанските организации, на кој што се дискутираше за Програмата за намалување на аерозагадувањето, Програма С4, која ќе се имплементира преку 4 компоненти и соoдветни активности во рамки на оперативниот план, наречен „План за чист воздух“.
Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули во своето обраќање се осврна на важноста на партиципацијата на граѓанските организации, меѓународните организации, компаниите кои што произведуваат еколошки извори на загадување кои преку јавните кампањи и финансиските механизми ќе стигнат до што повеќе корисници кои нема да загадуваат, што како што подвлече е и основна цел на Програмата за намалување на аерозагадувањето.
Додаде дека веќе се во тек активностите за остварување на директните мерки за справување со причините за загадувањето, односно замена на неефикасните печки во домаќинствата со пониски приходи, како и инвестирање во енергетски ефикасни мерки во рамки на селектирани зони на ниска емисија, кој веќе се таргетирани од Министерството за животна средина и просторно планирање, поврзување на станбени згради на централно греење и замена на неефикасните системи за греење.
„Првите две активности кои ќе се случат во јануари, е поврзувањето на студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, во кој што има 490 студенти, кој што за жал се загрева на мазут и за тоа трошат 230 тони во зимскиот период, што годишно јам чини држвата и студентскиот центар 7 милиони и 100 илјади денари. Трошоците само за топлинската енергија, кога ќе се поврземе на топлинскиот оператор ќе бидат околу 5 милиони денари“, рече заменик-министерот Макрадули.
Тој подвлече дека освен за студентите, кои ќе престојуваат во поздрава средина оваа мерка ќе се рефлектира и на целокупното аерозагадување.
