Францускиот претседател Емануел Макрон изрази подготвеност да биде домаќин на претставниците на бугарските и македонските власти „кога ќе дојде време“ за склучување билатерален договор што ќе овозможи отворање на пристапните преговори меѓу Скопје и ЕУ.
Франција, која претседава со ЕУ до 1 јули, веќе неколку недели бара решение за спорот меѓу двете земји, соопшти синоќа Елисејската палата по телефонските разговори на Макрон со бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
За време на тие разговори, Макрон изразил „целосна поддршка за договорот меѓу двете земји, што ќе придонесе за добрососедските односи и ќе ја зајакне европската перспектива на Северна Македонија“, соопшти француското претседателство.
Бугарија го блокираше пристапот на Северна Македонија во ЕУ во ноември 2020 година поради јазични и историски спорови.