Францускиот претседател Емануел Макрон изрази подготвеност да ги собере во Париз, „кога ќе дојде време“, претставниците на властите во Софија и Скопје да склучат билатерален договор што ќе овозможи почеток на преговорите за пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија, пренесе Франс прес.
Франција, која претседава со Советот на ЕУ до крајот на овој месец, ги поддржува „веќе неколку недели“ напорите за изнаоѓање решение за спорот меѓу двете земји, соопшти синоќа Елисејската палата по телефонските разговори на Макрон со Бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот на РСМ Димитар Ковачевски. Во коминикето се вели и дека францускиот претседател ја изразил својата „целосна поддршка за договор меѓу двете земји што ќе придонесе за добрососедски односи (и) ќе ја прецизира европската перспектива на Северна Македонија“.
Во ноември 2020 година, Софија го блокираше почетокот на преговорите со Скопје за членство во ЕУ поради билатерални спорови околу јазикот и историјата, забележува АФП.
