Францускиот претседател Емануел Макрон повика на намалување на времето што младите го поминуваат пред екраните и предложи конкретни мерки, меѓу кои и воведување на „ден без екрани“ еднаш месечно, како и целосна забрана за користење социјални мрежи за деца под 15 години.
Во своето обраќање до средношколците, Макрон посочи дека прекумерната употреба на дигиталните уреди има сериозно влијание врз вниманието и развојот на младите. Според него, потребни се појасни правила и насоки со цел да се создадат одговорни граѓани.
Иницијативата доаѓа во време кога сè повеќе европски земји разгледуваат слични мерки, поттикнати од загриженоста за здравјето, безбедноста и психофизичкиот развој на децата. Во Франција веќе е во тек парламентарна процедура за нацрт-закон кој предвидува вакви ограничувања.
Додека долниот дом ја поддржува целосната забрана за социјални мрежи за помладите од 15 години, дел од сенаторите предлагаат ограничувањата да се однесуваат само на платформи што се оценуваат како штетни, што може да го одложи носењето на законот.
Во меѓувреме, најмалку дванаесет европски земји, меѓу кои Обединетото Кралство и Норвешка, веќе вовеле или разгледуваат законски решенија со кои се утврдува минимална возраст за користење на социјални мрежи, најчесто меѓу 13 и 16 години.
Паралелно со тоа, Европска унија работи на развој на апликација за верификација на возраста, која треба да помогне во спроведувањето на ваквите мерки и да обезбеди поголема заштита на малолетниците во дигиталниот простор.
