Францускиот претседател Емануел Макрон, кој денеска ќе присуствува на натпреварот на Светското првенство во Катар меѓу француската и аргентинската репрезентација, потоа од Доха ќе замине во областа крај брегот на Египет, каде што е стациониран францускиот носач на авиони „Шарл де Гол“.
Утре таму, како и секој Божиќ, ќе се сретне со францускиот воен персонал. Потоа ќе отпатува за Јордан, каде што ќе учествува на регионална конференција, соопшти Елисејската палата.
Тоа значи дека доколку Французите победат денеска, Макрон нема да биде во Париз за да ги пречека француските државјани назад од Катар.
Во изминатите години, Макрон на Божиќ се сретна со францускиот воен персонал стациониран во Африка. Во 2020 и 2021 година тој ја напушти оваа традиција поради пандемијата Ковид-19.
Утре, пред војската која служи на носачот на авиони, Макрон ќе ја изрази својата поддршка и доверба во вооружените сили. Тој ќе спие на бродот пред да замине за Јордан.
„Шарл де Гол“ е вклучен во зајакнувањето на стратегијата за одбрана и одвраќање на НАТО против Русија во позадина на војната во Украина и борбата против тероризмот во Ирак и Сирија. Носачот на авиони, кој исплови од Тулон на 5 ноември, е придружуван од фрегати, бродови за надополнување, нуклеарна подморница и поморски патролни авиони.
Во Јордан, Макрон ќе учествува на конференцијата „Багдад 2“, на која се собираат регионални играчи, вклучувајќи ги Иран и Саудиска Арабија. Првото издание на форумот беше во август 2021 година. Сега учесниците ќе се соберат во центарот на кралот Хусеин Бин Талал на брегот на Мртвото Море. Целта на состанокот е да се поддржи стабилноста, безбедноста и просперитетот на Иран, но се очекува да се покренат и прашања поврзани со некои регионални кризи, како протестите во Иран и нивното задушување.
Макрон ќе разговара со јорданскиот крал Абдула Втори, кој е сојузник на Париз во борбата против тероризмот. Француски борбени авиони со седиште во Јордан оперираат против групата Исламска држава во регионот, потсетува Фигаро.