Македонија

Маларија, западно-нилска треска, денга и зика: Четири опасни заболувања „увезени“ во Македонија

Маларија, западно-нилска треска, денга и зика: Четири опасни заболувања „увезени“ во Македонија

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) досега евидентираше случаи на дури четири различни вектор-преносливи заболувања во земјава. Заклучно со последните податоци, регистрирани се четири случаи на маларија, осум на западно-нилска треска, три лица заболени од денга треска и еден случај на зика вирус.

Епидемиолозите веќе подолго време предупредуваат дека овие заболувања се во глобален подем како директна последица на климатските промени, глобалното затоплување и новите енергетски трендови. Овие фактори овозможуваат интензивно ширење на заразни болести во географски предели каде што тие досега воопшто не биле присутни.

За најновата епидемиолошка состојба денеска на прес-конференција информираше министерот за здравство, Сашо Клековски.

Според информациите од министерот Клековски, речиси сите случаи на маларија, денга и зика се „увезени“ од граѓани кои патувале на годишен одмор во егзотични земји.

„Влегуваме во висока сезона на одмори и во период на високи температури. Имаме четири случаи на маларија и сите се поврзани со Африка и Индискиот Океан, поточно со Малдиви и Занзибар. Регистрирани се и три случаи на денга треска, како и еден случај на зика вирус, кои исто така се поврзани со престој на Малдивите. Упатуваме апел до сите кои патуваат во овие региони строго да ги следат препораките на СЗО. Иако ризикот во проценти е мал, клучни се личната заштита и раната детекција“, изјави Клековски.

Во однос на терапијата за заболените од маларија, министерот појасни дека се прави итна анализа за достапноста на специфичните лекови. Базичните антибиотици (како доксициклин) се широко достапни, додека за специфичните лекови – кои ги немаше на пазарот бидејќи во изминатите две години во земјава немаше регистрирано маларија – се работи на итен интервентен увоз и се очекува набрзо да бидат обезбедени.

Од вкупно осумте случаи на западно-нилска треска, два се евидентирани уште во јуни, додека останатите шест се тековно активни. Еден од случаите е поврзан со патување во Грција, додека другите се лоцирани во Скопје и Велес.

За разлика од увозните тропски болести кои ги погодуваат туристите во средна возраст (околу 45 години), западно-нилската треска напаѓа поризична група на граѓани.

„Сите пациенти заболени од западно-нилска треска се на возраст над 60 години и имаат претходни коморбидитети (други хронични болести). Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) веќе доби насока строго да ја контролира дезинсекцијата во општините. Кај седум од случаите веќе е извршено итно прскање против комарци во радиус од 200 метри околу нивното место на живеење“, потенцираше министерот Клековски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни