Македонија

Манасиевски: Немаме проблем за правосуден испит на албански јазик ако е по стандарди на ЕУ, но ДУИ имаше 5 министри за правда и не го реши тоа

Манасиевски: Немаме проблем за правосуден испит на албански јазик ако е по стандарди на ЕУ, но ДУИ имаше 5 министри за правда и не го реши тоа

ВМРО-ДПМНЕ нема против корисниците на албанскиот јазик да го полагаат правосудниот испит на својот мајчин јазик, доколку тоа решение е целосно усогласено со препораките на Венецијанската комисија и стандардите на Европската Унија. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го истакна партискиот портпарол Валентин Манасиевски, коментирајќи ги актуелните барања и неодамнешните протести поврзани со ова прашање.

Манасиевски појасни дека се земаат предвид реалните потешкотии со кои се соочуваат дел од кандидатите поради јазичната бариера.

„Главните забелешки се дека студентите целата материја ја изучуваат на еден јазик, односно учат на албански јазик, а на крајот, кога треба да полагаат, правосудниот испит се одржува на македонски јазик. Тука претпоставувам се јавуваат одредени проблеми со јазичната бариера. Доколку ова прашање се реши во согласност со Венецијанската комисија и со ЕУ, апсолутно, зошто да не се полага на албански“, изјави Манасиевски.

Портпаролот откри дека веќе се водат сериозни разговори во рамките на владината коалиција за изнаоѓање соодветно законско и практично решение за овој долгогодишен проблем.

„Ние немаме никаков проблем со ова. Впрочем, пред околу две недели имаше средба на претседателот Христијан Мицкоски со коалициските партнери – копретседателите на коалицијата ‘Вреди’, господинот Билал Касами и господинот Изет Меџити, на која конкретно се разговараше за решавање на овој проблем“, информираше Манасиевски.

Сепак, покрај подготвеноста за дијалог со сегашните партнери, Манасиевски упати остри критики до опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ја партијата на Ахмети за лицемерие и политизација на проблемот со цел кревање тензии.

„Мораме да ја погледнеме суштината на овие таканаречени проблеми. Демократската унија за интеграција (ДУИ) беше цели 20 години на власт во Македонија. Во тој период, тие имаа дури пет свои министри за правда. Како тогаш не го решија овој проблем, туку дури сега се сетија да организираат протести?“, праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни