Владимир Путин повеќе од две децении одржува годишна прес-конференција на која пред јавноста во Русија и во странство претставува строго контролирана верзија на своите политики.
За време на денешната повеќечасовна конференција тој ќе одговара на десетици прашања од руски граѓани, од кои некои се однапред избрани, а некои се поставуваат во живо. Темите опфаќаат речиси сè – од економијата и социјалната политика до руската војна против Украина и односите со Западот.
Путин често отстапува од подготвениот текст и влегува во долги дигресии за историјата, геополитиката, економијата или западните политики. Особено се следи што ќе каже за војната во Украина и како ќе се осврне на актуелните мировни преговори.
Владимир Путин најпрво доби прашање за војната во Украина – дали ќе дојде до мир или конфликтот ќе продолжи. Рускиот претседател во одговорот нагласи дека Русија е подготвена и спремна „да го заврши конфликтот по мирен пат“.
Притоа рече дека мировниот договор мора да биде „заснован на принципите“ што ги изнесе во говорот пред врвот на руското Министерство за надворешни работи во јуни 2024 година. Во тој говор Путин побара Украина целосно да ги повлече своите сили од целата територија на Доњецката и Луганската област и да се откаже од плановите за влез во НАТО.
По пораката дека Русија сака мирно завршување на војната, Путин додаде дека руските сили „напредуваат по целата линија на фронтот“. Наведе низа градови и населени места за кои тврди дека руските сили се блиску до нивно заземање, меѓу кои и Красни Лиман во источниот дел на Доњецката област.
Меѓутоа, руските тврдења за состојбата на бојното поле во последните месеци се оспоруваат. Москва во ноември тврдеше дека го зазела Купјанск во Харковската област, но украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела го посети тоа бојно подрачје и изјави дека украинските сили повторно презеле делови од градот.
