Македонија

Марта Кос со порака до Бугарија: Откако Северна Македонија ќе ги донесе уставните измени, сметаме на ваша поддршка

Марта Кос со порака до Бугарија: Откако Северна Македонија ќе ги донесе уставните измени, сметаме на ваша поддршка

Северна Македонија не е меѓу земјите за кои Европската комисија во оваа фаза најавува подготовка на патокази за напредокот во пристапните преговори, но еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека напредокот на другите земји од Западен Балкан може да биде поттик и за Скопје.

Во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), дадено во Стразбур, Кос ги посочи Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина како земји за кои Европската комисија подготвува патокази со технички чекори до крајот на мандатот на актуелниот состав на Комисијата.

Кос оцени дека оваа есен ќе биде период во кој ќе се засили процесот на проширување, со две главни насоки – забрзување на пристапниот процес и подготовка на земјите членки за прием на нови членки.

Во тој контекст, таа ги спомена Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово како земји од регионот кои, според неа, би можеле да продолжат напред во процесот.

Кога станува збор за Северна Македонија и уставните измени, Кос изјави дека Владата во Скопје треба да го исполни преземеното ветување и да го промени Уставот, со цел да се овозможи натамошно придвижување на пристапниот процес.

„Тие мора да го променат својот Устав, ова е договорено меѓу Северна Македонија и 27-те земји членки на ЕУ. Откако ќе биде направено ова, ќе сметам на поддршката и на вашата земја за да можеме да продолжиме напред и со Северна Македонија“, изјави Кос за БНТ.

Еврокомесарката притоа посочи дека проширувањето на ЕУ не може да се реализира без поддршка од сите земји членки и нивните граѓани.

Во интервјуто Кос зборуваше и за новите европски проекти за поврзување на Европа со Јужен Кавказ, Централна Азија и Блискиот Исток. Таа го опиша Средниот коридор како еден од важните проекти на актуелната Европска комисија, со кој би се отвориле нови трговски и енергетски рути меѓу Европа и Азија.

Кос најави дека во октомври ќе ги посети Турција и Бугарија, каде што ќе разговара за конкретни проекти поврзани со поврзувањето и инфраструктурата. Како пример ја посочи железничката врска меѓу Истанбул и бугарската граница и потребата од модернизација на железничката инфраструктура и патиштата од бугарска страна.

Нејзините изјави следуваат по говорот за состојбата на Унијата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, во кој беше најавено дека Комисијата ќе подготвува патокази за кандидатите кои се најнапредни во процесот на пристапување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни