Масовно посетен фестивалот Лолапалуза во Чикаго, експертите загрижени поради ширењето на вирусот

Еден од најголемите музички фестивали во САД, Лолапалуза започна вчера во Чикаго.

На овој фестивал имало масовна посетеност од дури десетици илјади фанови, а здравствените експерти во земјата во настанот гледаат голема опасност.

Експертите велат дека фестивалот може да биде „супер ширител“ на коронавирусот во тесно насобраните големи групи пред сцените, а четиридневниот фестивал се очекува да биде најмасовно посетен настан во САД по избувнувањето на пандемијата минатата година.

На настанот, кој се одржува во чикашкиот Грант парк, ќе настапат 170 музички бендови на осум сцени и се очекува да дојдат околу 100.000 посетители.

При влез организаторите бараат доказ за вакцинација или негативен коронавирус тест за невакцинираните. Невакцинираните мора да носат маски насекаде.

Летните музичи фестивали беа целосно одминати во САД во екот на пандемијата лани, но за радост на многумина ова лето повторно се организираат со зголемениот број вакцинации и олабавените мерки во повеќе држави.

Лори Лајтфуд, градоначалничката на Чикаго, на Твитер соопшти: „Сакаме да се забавувате, но ве молам почитувајте ги правилата и условите и продолжете да го заштитувате Чикаго“.