Матурантите и студентите денеска на протест пред МОН

Матурантите и студентите денеска од 12:30 часот, пред зградата на Министерството за образование и наука, ќе одржат протест на кој ќе побараат олеснување на полагањето државна матура, но и подобрување на студентскиот стандард.

Протестот го организираат од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС), како и движењето „Студентски отпор“.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во вторникот изјави дека за ова барање ќе треба да се разгледа дали и што дозволува законот да се промени во овој период за организација на државната матура. Тој најави дека наредната недела ќе има состанок со директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) за уште еднаш, како што рече, „да ја известиме јавноста кои се материјалите и што е предвидено во нив“ и барањето на учениците да се разгледа заедно со Сојузот на средношколци со кој, како што рече, има секојдневна комуникација.

Студентите се незадоволни од, како што велат, континуираната негрижа од МОН и непочитувањето на законските рокови за исплата на средствата за субвенциониран студентски оброк и за стипендија.

Студентите се незадоволни и од, според нив, нетранспарентните преговори по однос на новиот закон за студентски оброк и додаваат оти засега немаат никакви официјални информации како би се одвивала зголемената исплата од, како што велат, „неверојатни 140 денари“ на дневно ниво.

Додаваат дека МОН доцни и со исплатата на стипендиите – како за оние кои аплицираат по првпат, така и за оние кои ја продолжуваат стипендијата, а незадоволство изразија и поради сè уште незапочнатата реконструкција на студентските домови која МОН ја најави за почетокот на годинава.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното