Нови 400 килограми риба се пуштени во Мавровското Езеро и водотеците во Националниот парк „Маврово“, со цел обновување и зачувување на рибниот фонд. Порибувањето е спроведено во рамки на годишните активности на Националниот парк.
Според информациите од управата, во водите се пуштени 200 килограми пастрмка и исто толкаво количество крап, согласно Годишниот план за порибување.
Од Националниот парк посочуваат дека активноста е дел од континуираните мерки за заштита на биолошката разновидност и одржување на природната рамнотежа во водните екосистеми. Притоа апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и да се однесуваат одговорно кон природното богатство.
Паралелно со порибувањето, од утре стапува во сила и двомесечна забрана за риболов на крап во рекреативната зона на Мавровското Езеро. Забраната е донесена со одлука на ресорниот министер, по иницијатива на управата на Националниот парк, и ќе важи до 31 декември 2026 година.
Од НП „Маврово“ објаснуваат дека целта на оваа мерка е новите рибни единки да имаат време да се приспособат на природните услови и да се размножуваат, со што ќе се придонесе за долгорочно обновување на рибниот фонд во езерото.