Македонија

Дали субвенционираниот студентски оброк ќе се зголеми на 4.500 денари? Владата чека одговор од студентите

Дали субвенционираниот студентски оброк ќе се зголеми на 4.500 денари? Владата чека одговор од студентите

Два важни прашања за студентите – висината и начинот на користење на субвенционираниот оброк, како и полагањето на правосудниот испит – биле тема на разговорите меѓу владините претставници и студентските организации. Во одговор на новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски информираше дека Владата очекува студентите да го разгледаат понудениот модел и да достават повратна информација.

Предлогот предвидува месечната субвенција за студентски оброк да се зголеми од 3.500 на 4.500 денари. Наместо досегашниот начин на користење, средствата би биле достапни преку посебна дигитална услуга во апликацијата „М.услуги“, со можност за купување храна во ресторани, маркети, млечни ресторани и други угостителски објекти.

Мицкоски рече дека средбата со студентските претставници траела два часа и дека разговорите биле конструктивни. Според него, студентите се согласиле дека предложениот модел е подобар од актуелниот, но Владата сè уште го очекува нивниот официјален одговор.

„Ние им го објаснивме предлогот што го има Владата и цениме дека тој предлог е многу подобро решение од тоа што сега го имаат, за што и тие се согласија. Сега чекаме повратен одговор“, изјави премиерот.

Покрај зголемувањето на субвенцијата, Владата планира да преговара со трговците за дополнителни попусти за студентите при купување храна, дури и откако ќе ја потрошат месечната сума. Преку дигиталниот систем, според најавите, би се контролирало средствата да се користат исклучиво за предвидената намена.

На средбата било отворено и прашањето за полагањето на правосудниот испит. Мицкоски посочи дека Владата има подготвено решение кое треба да биде доставено до Венецијанската комисија.

Предлогот, како што објасни, предвидува кандидатите да имаат можност да го полагаат испитот на јазикот на кој го завршиле високото образование, односно да го остварат правото на користење на мајчиниот јазик, но истовремено да се почитува принципот на владеење на правото.

„Решението што го нудиме е решение кое од една страна нуди задоволување на правото да се полага испитот на јазикот на кој е завршено високото образование, односно правото на својот мајчин јазик, а од друга страна да имаме владеење на правото“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека во мислењето на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците е посочен и принципот „франка лингва“, односно употребата на еден јазик во правосудството.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни