Маж и жена од Бања Лука продавале специјални крофни со кокаин – купувачите се жалат биле со слаб квалитет!

Маж и жена од Бања Лука продавале кокаин на киоск каде се продавале и крофни.

Ваквата „крофна“ чинела 100 км (49.33 евра) за „парче“, односно од половина грам до еден грам.

Се работи за маж по име Брацо Цота (55) и неговата сопруга Анѓелија Цота (33) за кои се води судски процес и се обвинети за неовластено производство и трговија со наркотични средства.

Сведоците во Окружниот суд во Бања Лука изјавиле дека дрогата ја добивале од Брацо, по претходен договор преку апликациите Вибер и Инстаграм. Понекогаш, заедно со него во автомобилот била и неговата сопруга. Сведокот Д. Ѓ. потврдил дека повеќепати купувал кокаин од Брацо, секогаш по цена од 100 КМ.

– По договор, тој доаѓаше со автомобил до мене во Челинац и ми ја предаваше дрогата, а јас му ги давав парите. Понекогаш со него беше и сопругата, но таа не излегуваше од возилото – изјавил сведокот.

Тој го потврдил исказот од истрагата дека во неколку наврати купувал дрога на киоскот каде се продавале кифлички, кај Гимназијата во Бања Лука.

Сведокот негирал дека дрогата му ја носела Анѓелија, но потврдил дека кокаинот што го добивал од обвинетиот бил со слаб квалитет.

Сведокот С. К. изјавила дека од Брацо купувала половина грам кокаин за 100 КМ, додека Анѓелија најчесто ѝ носела шминка. Таа додала дека договорите за дрогата ги правела преку Инстаграм профилот „minifinikrofnice“, кој го користеле Брацо и Анѓелија. Не знаела кој точно ѝ пишувал во моментот на комуникацијата.

Сведокот Д. Т. исто така потврдил дека купувал „парче“ кокаин од Брацо за 100 КМ и дека неколкупати ја купил дрогата токму на киоскот со крофни кај бањалучката Гимназија.

Окружното обвинителство во Бања Лука ги товари Брацо и Анѓелија Цота дека во периодот од 2017 до 24 мај 2021 година во Челинац и Бања Лука набавувале поголеми количини кокаин од познати извори, па потоа го продавале на конзументи. Контактот го воспоставувале преку телефон, Вибер, Инстаграм и Ватсап, а користеле шифри при договарањето за продажба. Според обвинението, дрогата ја продавале по цена од 100 КМ.

Двајцата обвинети претходно склучиле спогодби за признавање вина, но тие биле одбиени, па судскиот процес продолжил.

Адвокатот на обвинетите, Саша Лаботиќ, посочил дека сведоците биле испрашувани на незаконит начин.

– Не е јасно дали биле испрашувани како сведоци или како осомничени. Еден сведок дури изјавил дека не знае во кое својство бил сослушан, а во записникот стои дека било согласно член 142 од Законот за кривична постапка, што значи дека бил третиран како осомничен – изјавил адвокатот Лаботиќ.