Медиумски шанкерски систем: Скопско точи реклами на портали без новинари и импресум

Додека професионалните медиуми се борат за опстанок, портали без импресум, без редакција и без оригинални текстови добиваат реклами од реномирани брендови како „Скопско“. Истражувањето на 4NEWS.mk открива пример на интернет-страница со непостоечка редакција, автоматски преводи со Google Translate и никакво присуство на новинари – но со активна банер реклама од голем корпоративен огласувач.

На страницата нема ниту еден податок за сопствеништво, уредник, контакт, па дури ни политика на приватност. Наместо тоа, содржината е очигледно преведена од странски извори, без корекција, со јазични конструкции кои не одговараат на македонскиот јазик.

„Новинарство“ без новинари – но со реклами

Овој портал е само еден од многуте слични сајтови што никнуваат во последните години – медиуми на хартија, но не и по суштина. Не произведуваат авторска содржина, немаат вработени новинари. Па така денеска дознавме дека сопругот може да игра голман.

Сепак, некои од нив добиваат платени реклами преку маркетинг агенции, без притоа да исполнуваат какви било критериуми за кредибилитет или транспарентност.

Недостиг на критериуми, вишок на апсурди

Во прашањата што 4NEWS.mk ги испрати до маркетинг агенцијата „Universal Media Skopje“, се бараат одговори за критериумите врз основа на кои се делат реклами, но и дали се врши проверка на медиумите со кои тие соработуваат.

Истовремено, јавноста нема увид во тоа колку средства се издвојуваат за овие „ghost“ медиуми, ниту кои се лицата зад нив. Резултатот е медиумски пазар со нарушени правила на конкуренција – каде што копипејст порталите добиваат буџети, а вистинските редакции тонат.

Според јавно достапните финансиски извештаи, маркетинг агенцијата преку која се пласирани рекламите остварила приход од речиси 300 милиони денари во 2024 година – или приближно 4,8 милиони евра. Воедно, бројот на вработени во агенцијата континуирано се намалува: од 20 лица во 2022 година, на 17 во 2024. Просечната нето плата за истиот период пораснала од 46.620 на 57.765 денари.

Овој феномен не е само технички пропуст – туку системски проблем. Ако големи компании не знаат каде им завршуваат парите, тогаш мора да воспостават механизми на контрола. Ако знаат – тогаш станува збор за свесна поддршка на медиумска сенка.

До објава на текстот не добивме одговор од маркетинг агенцијата, доколку пристигнат во текот на денот ќе ги објавиме дополнително.