Македонија

Меѓународен ден за борбата против природни непогоди – што преживеала Македонија досега?

Денеска се одбележува Меѓународниот ден за борбата против природните непогоди, во продолжение 4NEWS.mk подготви лица на приордни катастрофи низ кои има поминато нашата земја.

Битолски земјотрес (1994)

Битолскиот земјотрес во 1994 година — земјотрес кој ја зафатил Битола и околината на југозападниот дел на Македонија, на 1 септември 1994 година. 10 лица биле полесно повредени, додека во градот биле уништени фасади и покриви на некои постари градби. Земјотресот, кој имал магнитуда од 5,2 степени бил со епицентар 15 км западно Битола, околу 100 километри јужно од Скопје. Неколку постари згради биле исто така оштетени и во Кавадарци, кој е оддалечен 70 километри од Битола. Помали потреси биле почуствувани и во Демир Хисар, Ресен и Охрид.

Земјотресот бил почувствуван и во соседните Бугарија и Грција.

Валандовски земјотрес (1931)

Валандовски земјотрес од 1931 година — природна катастрофа која го погодила градот Валандово. Земјотресот се случил на 8 март 1931 година во 01:50 часот.

Карактеристично за ова подрачје е појавата на афтершокови во релативно долг период по секој силен земјотрес. Така, по земјотресите во 1931 година, неколку години имало голем број на слаби и умерени земјотреси.

За време на земјотресот од 1931 година биле оштетени околу 45 населени места, од кои 29 во најтесното епицентрално подрачје, околу градот Валандово, и 16 во неговата непосредна околина, главно областа околу Струмица.

Дебарски земјотрес (1967)

Дебарски земјотрес од 1967 година — природна катастрофа која го зафатила градот Дебар. Земјотресот се случил на 30 ноември 1967.

Земјотресот предизвикал големи материјални штети, а животот ги загубиле четири лица, меѓу нив и едно дете. Во напорите да не се предизвика поголема катастрофа при исклучувањето на струјата од главната трафостаница, животот го загубил Шуип Кобеци, татко на две малолетни деца. Со помошта што доаѓаше од сите делови на тогашна СФРЈ и од Меѓународниот Црвен крст, последиците биле санирани. Во знак на солидарност, скопјани на Дебар му го подарија и Општествениот дом „Скопје“.

Скопски земјотрес (1963)

Скопски земјотрес од 1963 година — природна катастрофа која го погодила градот Скопје. Земјотресот се случил на 26 јули 1963 година во 05:17 часот. Како резултат на земјотресот, од 1,000 до 1,100 жители ги загубиле животите, а најмалку 3,000 лица биле повредени. Бројот на лицата без дом бил 200,000. Земјотресот од 1963 г. е еден од најкатастрофалните природни непогоди во Скопје и Македонија.

Историјата на Скопје, според разни записи на летописи, е исполнета со пожари, поплави и воени опустошувања. Регионот околу реката Вардар, е зона со висока сеизмичка активност. Во минатото, Скопје двапати бил целосно разрушен од земјотреси: во 518 година, кога бил уништен под тогашното име Скупи, и во 1555 година. Старите хроничари не го запишале точниот број на човечки жртви во првиот и вториот земјотрес.

Поплава во Скопје 1962

Поплавата во Скопје од 1962 година се случила на 16 ноември 1962 година. Скопје, Охрид, Струга, Титов Велес, Ресен, Кичево, Битола, Новаци, Прилеп, Тетово, Крушево, Богомила и голем број села и населби во Западна Македонија, тој ден биле погодени од водената стихија, што била резултат на вонредно силни дождови. Водите на Шарпланинскиот слив од Бистра и од другите планини што гравитираат кон Треска, запенавени и матни се струполувале во коритото на матната река Вардар. Забележани се четири човечки жртви.

Поплави во Македонија (2016)

Поплави во Македонија — временска непогода која на 6 август 2016 година го зафатило најпрвин Полошкиот, а подоцна со поголем интензитет целиот Скопски Регион. Во текот на 24 часа на 6 август во Скопје наврнале 93 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето удриле над 800 молњи и громови.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни