Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) потврди дека нема напредок во преговорите со Иран за чувствителни прашања, вклучително и повторно поставување на надзорни камери и присуство на траги од ураниум на непријавени локации, објави Ројтерс, цитирајќи два квартални извештаи. .
Во исто време, залихите на ураниум збогатен до 60 отсто чистота растат, иако со нешто побавно темпо, според еден од доверливите извештаи на МААЕ до земјите-членки. За да се развие нуклеарно оружје, ураниумот мора да биде збогатен до 90 проценти чистота, но збогатениот ураниум до 60 проценти е само краток, технички чекор подалеку од нивото од 90 проценти.
Директорот на агенцијата на ОН, Рафаел Гроси, изрази жалење што не е постигнат напредок во решавањето на важни прашања, алудирајќи на неуспехот на Иран да го објасни потеклото на честичките од ураниум пронајдени на две непријавени локации.
Во вториот квартален извештај на МААЕ, кој го виде Ројтерс, се наведува дека Иран има 121,6 килограми ураниум збогатен до 60 отсто, што е помалку отколку во претходните извештаи. Производството на ураниум со чистота до 60 отсто забави на три килограми месечно во однос на претходниот месец кога беа произведени девет килограми.
Гроси го повика Иран да „сериозно и одржливо соработува со агенцијата за да ги исполни своите обврски“ и повторно да ги инсталира камерите за надзор. Техеран во март вети дека повторно ќе ги активира надзорните уреди кои беа исклучени во јуни 2022 година во услови на влошување на односите со Западот.
Извештаите на МААЕ доаѓаат додека Иран и САД преговараат за размена на затвореници и ослободување на милијарди долари од иранските средства замрзнати во Јужна Кореја. Иран останува на ставот дека неговата нуклеарна програма е мирољубива, но генералниот директор на МААЕ предупреди дека Техеран има доволно збогатен ураниум за „неколку“ нуклеарни бомби доколку одлучи да ги изгради.
