Во урнатините на античкиот град Теотиуакан, во Мексико се пронајдени букет цвеќиња стари од 1800 до 2000 години, пишува Дејли мејл.
Тие биле откриени на длабочина од 18 метри, односно под храмот посветен на Кецалкоатл (познат и како „Змија од пердуви“), кој е еден од важните богови на древните народи.
Растенијата можеби биле оставени во чест на богот, а околните жители го пренесуваат верувањето на нивните претходници – ова божество му давало пченка на човештвото и ги создало луѓето.
„Стеблата се совршено зачувани. Вкупно четири букети се пронајдени во многу добра состојба. Тие сѐ уште се врзани со конци, најверојатно памук“, вели Серхио Гомез, археолог од Националниот институт за антропологија и историја во Мексико Сити.
Тој додаде дека ова е „многу важно откритие“ бидејќи докажува дека на тоа место биле вршени верски ритуали.
Теотиуакан („Градот на божјите патишта“), науката го смета за еден од највлијателните центри за трговија и култура во претколонијална Северна Америка.
Се проценува дека во најголемиот свој процут, градот бил населен со околу 200.000 луѓе.
Инаку, тимот научници работи во Теотиуакан речиси 12 години, а ги проучуваат почвата, карпите, пронајдените пирамиди и урнатини на дворци од она што некогаш ја претставувала цивилизацијата во древниот град.
Археолозите веруваат дека овој град е основан околу 100. година п.н.е. и постоел до осмиот век.
