Мерц: Трамп е донекаде со право разочаран

Најавеното зголемување на царините од страна на американскиот претседател Доналд Трамп за увоз на автомобили од ЕУ не е насочено само кон Германија, туку кон Европската унија во целина, порача германскиот канцелар Фридрих Мерц.

„Царините би се однесувале на цела Европа, а не само на поединечни земји“, изјави Мерц за германската телевизија ARD, додавајќи дека Трамп делумно со право е разочаран бидејќи царинскиот договор меѓу САД и ЕУ од август 2025 година сè уште не е завршен.

Се вчитува...

„Отпорот кон тој договор сè уште постои во Европскиот парламент“, истакна канцеларот.

Во август минатата година постигнат рамковен договор

Мерц напомена дека Трамп станува сè понестрплив затоа што европската страна продолжува да поставува нови услови. „Американците се подготвени, а Европејците не се“, рече тој, додавајќи дека се надева оти конечен договор наскоро ќе биде постигнат.

Во август 2025 година, Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен постигнаа рамковен договор со кој царините за поголемиот дел од стоките од ЕУ што се увезуваат во САД, вклучително автомобили и автоделови, би се ограничиле на 15 проценти.

Трамп во петокот изјави дека планира од следната недела да ги зголеми царините за автомобили и камиони од ЕУ на 25 проценти, наведувајќи како причина непочитување на договорената трговска рамка.