Македонија

Милевски: Наш приоритет се граѓаните, нов закон со кој ги исполнуваме нивните потреби

Со поддршка на швајцарската Влада во рамките на проектот Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, Министерството за локална самоуправа веќе втора година воспоставува пракса на планирање на развојот со вклучување на граѓаните.

– Ова е прв регионален форум во Полошкиот плански регион оваа година и е можност на едно место локалните власти, граѓаните и бизнис секторот да разговараат за развојните приоритети и за начините за решавање на прашањата кои што се од интерес на граѓаните од повеќе општини, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски

Со новиот закон за рамномерен регионален развој, Форумите стануваат задолжителен консултативен механизам при утврдувањето на приоритетните проекти во планскиот регион. Согласно Законот, Центрите за развој ја подготвуваат предлог листата на приоритетни проекти, а Советот на планскиот регион ја усвојува. Сега ќе биде законска обврска предлог листата на проекти да се дефинира врз основа на претходна консултација со организирање на регионални форуми. На овој начин развојот на планскиот регион ќе се планира врз основа на идеите и потребите на граѓаните и на бизнис заедницата.

Затоа ве повикувам и сега и во иднина активно да се вклучите во овој процес и да дадете ваш придонес, затоа што вие најдобро знаете што ви е потребно, како да се поттикне развојот на планскиот регион, да се создаде подобра бизнис клима, повеќе можности за вработување или самовработување, подобри услови за живеење, порача Милевски.

Според него за оваа година, за проекти за рамномерен регионален развој што ќе ги финансира Министерството за локална самоуправа, во Буџетот на државата се издвоени 8 милиони евра, или 1 милион повеќе во однос на минатата година. Задржан е трендот на постојано зголемување на средствата за оваа намена, иако потребите на општините и на планските региони се поголеми.

– Буџетот на државата како и буџетот на општината не се ништо поразлични од семејниот буџет. Секогаш парите се помалку од потребите. Но, ако граѓаните бидат информирани на време кои се можностите, ако бидат прашани што им е најголем проблем и како може да се реши, полека, полека, проблемите ќе се решаваат. Не сите одеднаш, но важно е да има постојана консултација и отчетност.Граѓаните треба да учествуваат, да покажат активен однос во процесите на донесување на одлуки и да ја контролираат власта. Властите пак треба да бидат транспарентни и оттчетни. И пред се отворени во комуникацијата со граѓаните, порача Милевски.

Исто така со средства од швајцарската Влада и од Министерството за локална самоуправа, во Полошкиот плански регион ќе биде финансиран проект во вредност од 150 илјади швајцарски франци.

-Дополнително ќе финансираме и уште по еден, иновативен проект во секој плански регион. Тоа го направивме и минатата година.

Извор: А1он

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни