Унгарските истражители заплениле готовина во вкупна противвредност од 18,1 милион долари при дводневни претреси во Будимпешта и во три унгарски окрузи. Дел од парите биле закопани во шуми, а други биле пронајдени во помошни објекти, магацини, стан и сеф на скриена локација, пренесува Асошиејтед прес.
Претресите се дел од истрагата против Миклош Шестак, поранешен министер за национален развој во владата на Виктор Орбан. Запленети се повеќе од пет милијарди форинти, околу 2,6 милиони евра и 1,2 милиони долари.
На снимките објавени од Националната служба за враќање на имот се гледаат истражители кои ноќе копаат во шума, како и купишта спакувани банкноти.
Шестак бил приведен кон крајот на септември. Истражителите се сомневаат дека примил повеќе од 37,2 милиони долари во поткуп и незаконски провизии поврзани со државни градежни проекти и набавки на возила за државната автобуска компанија.
Според премиерот Петер Маѓар, 12 вработени во трезорот ги броеле запленетите пари осум часа, користејќи пет машини.
Маѓар во објава на Фејсбук упати остри обвинувања кон својот претходник, нарекувајќи го Орбан „мафијашки бос“, а неговата партија ФИДЕС „криминална организација“.
Владата на Маѓар ја формираше службата за враќање на имот по изборната победа на неговата партија ТИСА во април, со која заврши 16-годишното владеење на Орбан. Службата има овластувања да истражува злоупотреби на јавни средства и да покренува обвиненија.
Во одделна истрага, во понеделникот бил приведен и помладиот брат на Орбан поради сомнежи за трговија со луѓе и трговија со влијание. Меѓу приведените во случаи поврзани со сомнежи за измама и корупција е и поранешниот гувернер на унгарската централна банка.
Орбан ги оцени истрагите и апсењата како политичка „тиранија“, тврдејќи дека нивната цел е негово отстранување од политичкиот живот.