Јаков Милатовиќ победи на претседателските избори во Црна Гора со околу 60 отсто од гласовите, додека неговиот противкандидат и поранешен претседател Мило Ѓукановиќ околу 40 отсто, објави Центарот за мониторинг и истражување (ЦЕМИ) врз основа на над 90 отсто преброени гласови.
Изборниот ден беше одбележан со мали нерегуларности, а Мило Ѓукановиќ претходно истиот ден изјави дека ќе му честита на противникот доколку победи.
Ѓукановиќ, кандидат на Демократската партија на социјалистите, по гласањето за медиумите изјави дека ова е добар почетен момент за Црна Гора да го објави своето враќање на патот на европскиот развој.
„Верувам дека резултатите од изборите ќе го оправдаат таквото очекување и дека таквата намера ќе ја потврдиме на парламентарните избори на 11 јуни. Верувам дека започнува ново, подобро време во кое Црна Гора ќе продолжи да се движи ефикасно и стабилно кон својата европска цел“, рече тој.е Ѓукановиќ.
Тензиите се поголеми отколку што треба, одговори Ѓукановиќ на прашањето дали очекува тензии на избирачките места денеска и ден по изборите, но изрази уверување дека се ќе биде под контрола.
Доколку победи неговиот противник Јаков Милатовиќ, Ѓукановиќ рече дека ќе му честита.
Сигурен во победата беше Милатовиќ
По гласањето, Милатовиќ беше сигурен во победата и тврдеше дека во првиот круг разликата била над 70.000 гласови и дека ја сметал за недостижна.
Јаков Милатовиќ е економист, поранешен министер за економски развој во првата влада формирана по парламентарните избори одржани во август 2020 година, на кои Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ го загуби мнозинството во парламентот за првпат по три децении.
Својата изборна стратегија Милатовиќ ја базираше на економската реторика и одлуката на владата во која беше министер да ја зголеми минималната плата во Црна Гора од 220 на 450 евра.
Во пресрет на вториот круг Милатовиќ беше поддржан од мнозинството противкандидати од првиот круг на изборите, а пред се Андрија Мандиќ, лидерот на просрпскиот демократски фронт, кој доби 19 отсто поддршка и Алекса Бечиќ од Демократска Црна Гора, која пред две недели ја поддржаа околу 10 отсто од гласачите.
Милатовиќ е третиот претседател на Црна Гора од нејзината независност во 2006 година.
Пред него на таа функција два мандата беше Филип Вујановиќ и еден Мило Ѓукановиќ, двајцата членови на Демократската партија на социјалистите.
Инаугурацијата ќе биде во средината на мај
Инаугурацијата на Јаков Милатовиќ може да се очекува кон средината на мај.
Два дена пред претседателските избори, Мило Ѓукановиќ го распушти црногорскиот парламент и закажа вонредни парламентарни избори за 11 јуни.