Две агенции на американската влада – вселенската агенција НАСА и Националната океанска и атмосферска администрација (NOAA) објавија дека 2021 година била шестата најтопла година досега забележана.
Во одделни извештаи, агенциите наведоа и дека последните осум години биле и осумте најтопли од почетокот на модерниот мониторинг на податоците. Тие рекоа и дека глобалните температури биле 0,85 степени Целзиусови над просечната температура во 20 век, пишува „Гласот на Америка“.
NOAA објави дека минатата година беше 45-та по ред – од 1977 година – дека светските температури се над просекот од 20 век.
Податоците од двете агенции покажуваат дека глобалните температури, кога се просечни во период од десет години за да се ублажат природните осцилации, се речиси 1,1 степени Целзиусови потопли отколку пред 140 години.
Во изјавата за новинарите, главниот аналитичар на НОАА, Расел Вус, рече дека „сега е потопло од кога било во последните 2.000 години, а веројатно и многу повеќе“.
Тој предвиде дека 2022 година исто така ќе биде една од најтоплите години во историјата.
Двете агенции ги припишуваат минатогодишните временски аномалии, како што се топењето на мразот, шумските пожари и рекордните поплави, на потоплите клими.
Климатологот на НАСА Гевин Шмит изјави за Асошиетед прес дека долгорочниот тренд е „многу, многу јасен“.
„И сето тоа е поради нас. Нема да се промени додека не престанеме да го зголемуваме количеството на јаглерод диоксид во атмосферата“.
