Македонија

Минибусот нов, но нема место за сите, учениците од Визбегово не се безбедни во сообраќајот

По прилогот на ТВ21 за стариот минибус со кој патуваа учениците од Визбегово, реагираа властите. Стариот минибус е заменет со нов. Меѓутоа и новиот минибус не го решава проблемот бидејќи нема доволно место за сите ученици. Повеќето од нив стојат 30 минути до ОУ „Адем Јашари“ во Чаир. ТВ21 патуваше заедно со учениците. Како што може да се забележи, во минибусот има над 40 ученици иако според сообраќајните правила, со ваков минибус треба да патуваат до 20 патници.

Од МВР велат дека за непочитување на оваа сообраќајно правило казната е до 2000 евра.

„На правно лице кое ќе нареди или дозволи да се превезуваат лица спротивно на одредбите од ЗБСП ќе му се изрече глоба во износ од 2000 евра во денарска противредност, за прекршокот на одговорното лице во правното лице ќе му се изрече глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице, а на возачот кој постапувал спротивно на одредбите од ЗБСП во мандатна постапка ќе му се издаде мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода согласно ЗБСП.“, велат од МВР.

За овој случај, градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски за Тв21 рече дека општината како орган не го знае точниот број на ученици кои патуваат од оваа населено место.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, рече дека иако не се надлежни, ЈСП и Град Скопје и излегуваат на пресрет на општина Бутел за превозот на учениците. Вели дека тендерот пропаднал, па општината треба да распише нов и да го реши проблемот, бидејќи тоа е нивна надлежност.

Но, ТВ21 откри дека стариот минибус не е целосно отстранет од сообраќајот, туку само има друга линија. Сега овој минибус ги превезува патниците од Визбегово до град и обратно.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни