Македонија

Министерството за здравство: „Фостер“ повторно ќе биде достапен без доплата

Министерството за здравство: „Фостер“ повторно ќе биде достапен без доплата

Пациентите кои користат терапија со лекот „Фостер“ наскоро повторно ќе можат да го подигнуваат без доплата, откако Министерството за здравство соопшти дека производителот најавил повторна испорака на лекот во аптеките.

Од Министерството информираат дека добиле известување од компанијата која е носител на одобрението за ставање во промет на лекот дека „Фостер“, кој е на позитивната листа, во најскоро време повторно ќе биде достапен за пациентите без дополнителни трошоци.

Воедно, од ресорното министерство најавуваат дека ќе продолжат со активностите насочени кон обезбедување подобра достапност на лековите и нивно снабдување по поприфатливи цени за граѓаните.

Соопштението доаѓа откако СДСМ ја обвини Владата дека пациентите со астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) останале без неопходната терапија. Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, тврдеше дека цената на „Фостер“ се зголемила од околу 300 на 1.080 денари, додека бесплатната генеричка замена, според нивните информации, сè уште не била достапна во аптеките.

Кузеска оцени дека станува збор за терапија која пациентите мора редовно да ја користат и предупреди дека секој прекин може сериозно да ја влоши нивната здравствена состојба.

Во меѓувреме, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, информираше дека од 1 јули на позитивната листа се вклучени и повеќе нови лекови, меѓу кои антикоагулансите „еноксапарин“, „надропарин“ и „ривароксабан“, кои веќе се издаваат со рецепт во аптеките.

Тој најави и дека Фондот ќе ги признава барањата за рефундација за овие лекови во периодот од 1 до 15 јули, со цел пациентите да не бидат оштетени поради доцнењето во нивната набавка од страна на дел од аптеките.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни