Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, вицепремиерот, Садула Дураку, вицепремиерот, Бујар Османи, министерот за здравство, Венко Филипче, директорот на Фондот за здравство и неколку пратеници ја посетија Клиниката за торакална и васкуларна хирургија за да ја промовираат новата операциона сала.
Директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи, информира дека новата операциона сала е една од најсовремените во нашата држава и регионот и ги исполнува највисоките стандарди за давање квалитетна здравствена услуга на граѓаните.
Но доколку одите со автомобил во Клинички центар „Мајка Тереза“, тешко ќе најдете паркинг место.
Граѓаните се жалаат. Пред камерата на ТВ21 велат дека чекаат до 30 минути за да најдат паркинг и 30 минути за да излезат од паркингот поради големиот метеж.
Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека во следната владина седница, во вторник, повторно ќе објават тендер за катни гаражи, бидејќи, како што вели, во минатиот повик не се појавила ниту една компанија.
По две години најави на Владата за две катни гаражи во Клинички центар „Мајка Тереза“ првиот повик за јавно-приватно партнерство беше објавен во август минатата година. Но ниту една компанија не се пријави со понуда за изградба на гаражите. Инвестирањето во две катни гаражи ја достигнува сумата од 30 милиони денари. Компанијата која ќе го добие тендерот има обврска да ги финансира, дизајнира, управува и да ги одржува истите.