Македонија

Митева: Парите за 35 години независност не се директно од Буџетот

Митева: Парите за 35 години независност не се директно од Буџетот

Средствата за одбележувањето на 35-годишнината од независноста не биле обезбедени како директен трошок од државниот Буџет, туку преку Државна лотарија, појасни владината портпаролка Марија Митева.

Митева објасни дека на 167. седница на Владата, одржана на 28 април 2026 година, бил донесен заклучок со кој биле утврдени активностите за одбележување на јубилејот. Меѓу нив биле предвидени настап на светски артист од А класа пред најмалку 30 илјади посетители, уште еден настан со интернационална ѕвезда, како и најмалку 12 настани низ државата.

„Со истиот заклучок беше укажано на Државна лотарија да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година во висина од 300 милиони денари за спонзорирање на настаните“, изјави Митева.

Според неа, Државна лотарија била задолжена и да објави јавен повик за прибирање понуди за реализација на настаните. Јавно достапните информации потврдуваат дека на 30 април бил објавен повик за спонзорирани настани по повод 35-годишнината од независноста.

Митева нагласи дека парите биле од добивката на државното акционерско друштво и оти не станува збор за средства кои директно биле повлечени од државниот Буџет за финансирање на прославата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни