Една година по трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, Владата и институциите презеле низа мерки за подобрување на безбедноста и зајакнување на контролите, изјави портпаролката на Владата Марија Митева во изјава за 4ТВ.мк.
Таа посочи дека и по една година чувството на болка и одговорност е исто како и во деновите по трагедијата, но нагласи дека институциите го искористиле овој период за да ги зајакнат процедурите и да ја подобрат функционалноста на системот.
„Пратениците уште во април донесоа измени со кои се забрани употребата на пиротехнички материјали во затворени објекти, како дискотеки, ноќни клубови и кабареа“, рече Митева.
Според неа, покрај законските измени, институциите спровеле и засилени инспекциски контроли во угостителските објекти. Во текот на 2025 година биле извршени повеќе од 4.000 инспекциски надзори, издадени над 1.700 прекршочни платни налози, а одземени се повеќе од 160 лиценци или изречени решенија за привремена забрана за вршење дејност.
За споредба, во 2024 година биле спроведени околу 2.000 инспекциски контроли, издадени околу 170 платни налози и донесени околу 30 решенија за забрана за работа.
„Овие мерки покажуваат дека институциите ветија дека ова нема да биде еднократна активност, туку начин на функционирање на системот“, истакна Митева, додавајќи дека планот предвидува и во 2026 година редовни инспекциски контроли, најмалку една годишно за секој објект, како и вонредни надзори по потреба.
Митева нагласи дека трагедијата покажала дека за секој институционален пропуст може да има човечки жртви и дека во иднина не смее да има компромиси кога станува збор за почитување на законите.
Во однос на справувањето со трагедијата, таа оцени дека станувало збор за исклучително комплексна ситуација во која биле вклучени бројни институции – здравствени установи, итната медицинска помош, како и земји од регионот и Европа кои помогнале во лекувањето на повредените.
„Солидарноста покажа дека не е само принцип, туку конкретна поддршка кога е најпотребна. Соработката и заедништвото беа најсилниот одговор во тие моменти“, изјави Митева.