Во последно време лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мискоски е активен на својот профил на „Фејсбук“. Денеска тој со ново обвинување кон Владата, алудирајќи ја фабриката Еурокомпозит за која истакна „уште една измама и упропастена надеж“.
„Од рубриката голи факти за црното владеење на оваа влада, фабриката Еурокомпозит уште една измама и упропастена надеж. 24 октомври 2017-та година, премиерот Заев се сретна со вработените од Еурокомпозит Прилеп. Им вети исплата на заостанатите плати и трајно решавање на проблемот со статусот на оваа компанија. Месеците поминуваа, платите повторно доцнеа, а решението се подалеку. 3 јуни 2018-та година, повторно нова надеж за близу 300 вработени, вицепремиерот Кочо Анѓушев изјави дека има заинтересирани инвеститори за Еурокомпозит и Колска. 5 месеци по ова ново ветување нема инвеститор за ниту една од овие компании, а вработените се подлабоко тонат во разочарувањето креирано од оваа неспособна влада. Ноември 2018-та година, болната реалност е: вработените на Еурoкомпозит вратени се дома, а погоните се со исклучена струја. Останаа владините ветувања како срамен доказ за една од многуте лаги на оваа Влада“, пишува на „Фејсбук“ профилот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
