Македонија

Мицкоски: Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои никогаш не можат да бидат покорени

Мицкоски: Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои никогаш не можат да бидат покорени

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце порача дека Илинден претставува симбол на историскиот континуитет, слободата и државноста, нагласувајќи дека Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ се нераскинливо поврзани во македонската историја.

Во обраќањето по повод националниот празник 2 Август – Илинден и Денот на Републиката, Мицкоски истакна дека двата Илиндена не се две одделни приказни, туку единствен историски процес.

„Илинден не е само датум, тој е завет и карактер. Денес ги славиме двата Илиндена како една историска целина, затоа што Крушево и АСНОМ не се две различни приказни, туку две страници од истата книга, напишана со вера, храброст и непоколеблива одлучност Македонија да биде своја, достоинствена и слободна“, рече Мицкоски.

Премиерот ја нагласи улогата на Никола Карев и Методија Андонов-Ченто како личности што ги предводеле двата клучни историски процеса во создавањето на македонската државност. Според него, делегатите на АСНОМ своите државотворни одлуки ги темелеле врз идеалите на Илинденското востание од 1903 година.

Осврнувајќи се на значењето на Првото заседание на АСНОМ, Мицкоски посочи дека неговите одлуки ги поставиле правните и политичките темели на современата македонска држава. Притоа ја издвојува Декларацијата за основните права на граѓаните, за која рече дека гарантирала слобода на говорот, право на национална припадност, слобода на движење, избирачко право, вклучително и правото на глас на жените, слобода на вероисповед и право на приватна сопственост.

„Со овој документ АСНОМ ја претстави новоформираната држава не само како држава со социјалистичко уредување, туку и како држава со елементи на граѓански политички поредок“, рече премиерот.

Во завршницата од говорот, Мицкоски нагласи дека ослободувањето на Македонија во Втората светска војна било резултат на борбата на македонските партизани и домашните сили.

„Слободата на Македонија не ја донесе никој однадвор. Македонскиот народ и сите националности сами се изборија за својата државност и ги остварија вековните идеали на генерациите борци за слобода“, истакна Мицкоски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни