Македонија

Мицкоски: Кочани памети, Македонија памети – болката и празнината се уште се чувствуваат

Мицкоски: Кочани памети, Македонија памети – болката и празнината се уште се чувствуваат

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на централниот комеморативен настан „Ден на сеќавање – 16 март“ во Кочани, оддавајќи почит на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.

Во својата емотивна порака до јавноста, премиерот истакна дека и по една година, болката во срцата на граѓаните останува иста.

„Денес во Кочани оддаваме тивка, но длабока почит кон невините животи што прерано згаснаа. Една година подоцна, болката и празнината сè уште се чувствуваат во секое срце, но заедно со нив живее и сеќавањето на недовршените соништа“, истакна Мицкоски.

Премиерот се потпиша во книгата на жалост и присуствуваше на комеморацијата во Центарот за култура „Бели мугри“, нагласувајќи ја солидарноста со семејствата на настраданите.

„Нека споменот за нив остане вечен, а нашата заедничка човечност и единство нека бидат сила што ќе нè води напред. Со длабоко сочувство кон семејствата – Кочани памети, Македонија памети“, порача Мицкоски.

Неговото присуство во Кочани е дел од поширокото институционално одбележување на годишнината од најголемата трагедија во поновата историја на градот, со цел да се порача дека жртвите и нивните семејства нема да бидат заборавени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни